ЛОКАЛЕН СОВЕТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА ОПШТИНА КОЧАНИ: ЗАШТИТА ОД ПОЖАРИ И ЗАШТИТА НА ГРАДСКАТА ДЕПОНИЈА

јуни 18, 2024
1 минути

Локалниот совет за превенција на Општина Кочани денеска одржа состанок со единствена точка на дневниот ред: Заштита од пожари на подрачјето на општина Кочани и преземање посебни мерки и активности за заштита на Градската депонија во Кочани.

Локалниот совет побара од Министерството за животна средина финансиски средства за справување со проблемите со Градската депонија во Кочани до изградбата на Регионалната депонија во Свети Николе и донесување посебен правилник за определување тарифа за услугите што ги дава КЈП „Водовод“ – Кочани на другите соседни општини, коишто го депонираат нивниот отпад на Градската депонија во Кочани. Советот донесе заклучок да се врши строга контрола на Градската депонија и да се оневозможи влегување на неовластени лица кои го палат отпадот и предизвикуваат пожари, во што посебна помош се бара од вработените во МВР – ОВР – Кочани.

Локалниот совет за превенција бара од КЈП „Водовод“, да ја огради и осветли Градската депонија во Кочани со што ќе ја зголеми нејзината превенција и заштита. Се бара да се организират заеднички патроли кои ке ги покриват главните пунктови на патиштата што водат кон ридско-планинскиот регион, а во известувањето и алармирањето за состојбите на теренот да се вклучат и претседателите на месните заедници, невладиниот сектор и локалните медиуми.

Присутните членови на Локалниот совет изгласаа заклучоци со кои бараат координирано дејствување на државните и локалните институции на подрачјето на општина Кочани: Територијалната противпожарната единица – Кочани, Доброволното противпожарно друштво – Кочани, МВР – ОВР – Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Шумската полиција, ЈП „Македонски шуми“ ШС „Осогово“ – Подружница – Кочани, Општинскиот кризен штаб, граѓанскиот сектор и други субјекти, кои ќе придонесат за спречувањето пожари.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ