Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов оствари средба со претставници на Доброволната планинска спасителска служба „Осогово“, на која се разговараше за актуелната состојба, ангажманите на доброволците, реализираните активности, како и за предизвиците со коишто се соочува оваа служба.
На средбата беше истакната важноста од обновување и зајакнување на соработката со овој тим за брзи интервенции, кој доброволно функционира како поддршка на Дирекцијата за заштита и спасување, особено во услови на кризни ситуации и интервенции на планински терени.

Градоначалникот Грозданов ја изрази подготвеноста на Општина Кочани да обезбеди поддршка за работата на Доброволната планинска спасителска служба „Осогово“ во текот на 2026 година, нагласувајќи дека нивниот придонес е од исклучително значење за заштитата на човечки животи и за справувањето со различни кризи.

Според годишната програма на Доброволната планинска спасителска служба, во наредниот период се планираат редовни тренинг-сесии и обуки на спасувачките тимови, како и активности за подигање на јавната свест. Во таа насока ќе се реализира континуирана едукативна кампања за посовесно и поодговорно однесување на граѓаните при престој и движење на планинските подрачја.
Општина Кочани и Доброволната планинска спасителска служба „Осогово“ ќе продолжат со заедничка координација за да се зајакне безбедноста и подготвеноста за навремена реакција во вонредни ситуации.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
