Со пригодни активности и оддавање почит, ОУ „Раде Кратовче“ и СОУ „Љупчо Сантов“ во Кочани ги одбележаа патроните празници. Пред бистите во училишните дворови и во Паркот на Револуцијата, градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, училишни и општински делегации положија свежо цвеќе и им оддадоа почит на борците кои ги положија своите животи во антифашистичката борба.

Настанот потсети на трагичниот настан од пред 82 години, во селото Главовица, на Осоговските Планини, кога животите ги загубија Љупчо Сантов и Раде Кратовче.

Во рамките на програмата, учениците од ОУ „Раде Кратовче“ оддадоа посебна почит и на младинците Петар Ивановски и Драгана Минова, по кои се именувани спортскиот и младинскиот клуб во училиштето, кои загинаа во трагедијата во „Пулс“, а нивните родители се наставници во ова училиште.

Со културно-уметничка програма се претставија и гимназијалците од СОУ „Љупчо Сантов“, кои преку стихови и музика испратија родољубиви пораки и потсетија на важноста од негување на историската меморија. Воедно, тие со емотивен омаж им оддадоа почит на своите прерано загинати врсници од пред една година.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
