ГРАДИНКАТА ЌЕ СЕ СТАВИ ВО УПОТРЕБА, НО ШТО СО ОТВОРЕНИОТ КАНАЛ ЗА НАВОДНУВАЊЕ?

ноември 19, 2025
0 минути

Локалните избори се зад нас, Кочани има нов градоначалник и нов Совет. За време на кампањата  од неколкуте ветувања на кандидатите беше и ветувањето за  ставање во употреба и на детската градинка „Детелинка“ која се наоѓа во населбата „Драчевик“. Дали градинката беше од поодамна направена и дали ги исполнувала сите услови сега воопшто не е важно, најважно од се е дека наскоро треба да проработи и да се стави на користење на населението, поточно на нивните дечиња.

До овде се е во ред. Но еден факт кој некако се занемарува е прашањето „Што со отворениот канал за наводнување?“ кој е неколку десетици метри од градинката.

Каналот е изграден пред повеќе од половина век кога „Драчевик“ беше гол рид низ кого само зајаци шетаа. За разлика од тогаш денес овој потег е доста изменет, фреквентен, населен е со голем број на жители а сега и градинка ќе биде ставена на користење.

Каналот воопшто не е заштитен и не дај Боже нешто несакано да случи бидејќи потоа се е залудно, кој е виновен а кој не.

Јавно упатуваме молба до надлежните во општината пред да ја стават градинката во употреба да изнајдат начин како ќе го покријат отворениот канал за наводнување. Дали со бетонски блокови или со некаква метална ограда ќе одлучат експертите, наше е да ги потсетиме.

Лично се надеваме дека ова ќе допре до ушите на одговорните во општината кои заедно со надлежните во Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе седнат на маса и ќе договорат како да бидат сите заштитени кои живеат на овој потег во градот.

Старата поговорка вели: подобро нешто да се спречи, отколку подоцна да се лечи.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ