Кризниот штаб за заштита и спасување и Локалниот совет за превенција како високи општински тела одговорни за подобрување на локалната безбедност и заштита на граѓаните, на итен повик од градоначалникот Љупчо Папазов попладнево одржаа состанок на кој се разгледуваше состојбата со блокадата на регионалниот пат Зрновци – Пониква и на Градската депонија кај селото Бели и потенцијалните последици од блокадата во однос на здравјето и безбедноста на граѓаните.
„Овде сме да најдеме решение и да повикаме на разум и разбирање. Главната причина е неможноста КЈП „Водовод“ да ја извршува својата основна дејност, поради што проблемот од месноста Тупанец се пренесува во градот. Механизацијата на „Бехтел и Енка“ направи грандиозен градежен зафат, организирано е 24-часовно обезбедување на депонијата и таа повеќе не чади. Механизацијата ќе биде тука до вторник, а на КЈП „Водовод“ ќе му треба време да го собере и да го транспортира натрупаниот отпад во градот. Сега ни е шансата, овие 3-4 дена да ја искористиме тешката механизација за организирање на отпадот. Да не се доведеме во ситуација да се создадат огромни количини отпад коишто ќе ја влошат дополнително ситуацијата на депонијата. Очекувам разбирање, за да може и Општината и КЈП „Водовод“ да продолжат понатаму со редовната работа“ истакна градоначалникот Папазов.
По дискусијата беа донесени следните заклучоци: комуналниот отпад од соседните општини да престане да се донесува на Градската депонија во Кочани; КЈП„Водовод“ – Кочани веднаш да пристапи кон собирање и транспортирање на комуналниот отпад од градот и населените места до Градската депонија; инспекциските служби во Општина Кочани веднаш да се вклучат во контрола на терен за следење на заклучоците од Локалниот совет за превенција и Кризниот штаб на Општина Кочани; ЈЗУ Центар за јавно здравје – Кочани, Центарот за управување со кризи – Кочани и Дирекцијата за заштита и спасување – Кочани да се вклучат во мониториг на теренот и навремено, во рамки на нивните надлежности, да преземат превентивни и други мерки за заштита на граѓаните на општина Кочани. Во краен случај надлежните институции во рамки на своите надлежности итно да преземат мерки за обезбедување на патниот правец Кочани – Пониква од блокадата од група на граѓани со цел да се обезбедат услови за непречено вршење на дејноста на КЈП „Водовод“ – Кочани и да се заштити здравјето и безбедноста на граѓаните на Општина Кочани.
Поради тоа што на состанокот не присуствуваа претставници на граѓаните и здруженијата што го блокираат патот кон Градската депонија, членови на двете општински тела се упатија на блокадата, за лично да ги пренесат заклучоците од Кризниот штаб за заштита и спасување и Локалниот совет за превенција.
ИЗВОР: Општина Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ