ОПШТИНА КОЧАНИ ГО ОДБЕЛЕЖА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА БЕЛИОТ СТАП, СИМБОЛОТ НА СЛЕПИТЕ И ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД

октомври 16, 2024
0 min read

Општина Кочани заедно со Здружението на слепи Кочани и Општински совет за безбедност на патиштата – Кочани го одбележа Меѓународниот ден на белиот стап, ден  посветен на признавање на значењето на белиот стап во животот на слепите лица и лицата со оштетен вид.

Со посета на ученици од прво одделение во ОУ „Малина Попиванова“, ОУ „Никола Карев“, ОУ „Св. Кирил и Методиј“ и ОУ „Раде Кратовче“, преку интерактивни сесии, со делење едукативни материјали и директно претставување на слепи лица со бел стап, се  зборуваше за безбедноста во сообраќајот. На сесиите се потенцираше за брзото возење, возење под дејство на алкохол, безбедно возење на најмалите сопатници, однесувањето на пешачки премин и почитувањето на сите учесници во сообраќајот.

По сесиите во училиштата во просториите на Општина Кочани се одржа средба со членови на кочанското Здружение на слепи лица. Заедничкото чествување на денот на белиот стап протече во пријатна атмосфера со плодна дискусија за постојните проблеми и потреби.

На средбата, секретарот на Општина Кочани Драган Ананиев рече дека овој ден е во чест на силата и издржливоста на слепите лица и лицата со оштетен вид, но и ден да се промовира инклузивноста и да се нагласи важноста од еднакви можности за сите.

„Денот на белиот стап има силно историско и културно значење, но исто така е потсетник на тековната работа и на потребата за создавање поинклузивно и подостапно општество за слепите и за лицата со оштетен вид. Општина Кочани дава несебична поддршка и ги охрабрува сите локални чинители за прифаќање на различностите“ истакна секретарот Ананиев.

На средбата свое излагање имаше и претседателот на ОСБСП Кочани Роберт Богатинов.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ