ОТВОРЕНА ХУМАНИТАРНА ДОНАТОРСКА ИЗЛОЖБА ВО СПОМЕН НА МЛАДАТА УМЕТНИЧКА САРА ЈОРДАНОВА

февруари 27, 2026
0 минути

Вечерва во НУЦК „Бели мугри“ беше отвореа хуманитарна донаторска изложба „Трага во бесконечноста“ во чест и спомен на младата уметничка Сара Јорданова

На настанот полн со емоции присуствуваа голем број роднини пријатели и другарки на Сара Јорданова.

При отворањето на изложбата беше речено дека Сара беше личност со големо срце, неизмерна добрина и исклучително уметничка дарба а за нејзиниот живот зборуваа членови од семејството Јорданови како и нејзините другарки.

Лидија Јорданова, мајка на Сара Јорданова чиј живот пред речиси една година згасна во трагедијата која не само што го потресе Кочани, туку ја потресе и Македонија, во своето обраќање пред присутните истакна: „Како мајка сум горда на својата Сара, горда што постои во мојот живот, бидејќи не сечии живот се мери во години, туку со љубовта што ја дели и со трагата што се остава зад себе, а нејзината трага е бесконечна. Вечерва ќе оставам делата да зборуваат. Кога велам дела мислам на изложените уметнички дела, но и на делата што ние вечерва ги правиме, на доброто и хуманото, на обидот болката да ја претвориме во сила, темнината во светлина и со еден млад згаснат живот  да помогнеме на други животи на кои им е потребна поддршка  за достоинствен и подобар живот“.

На хуманитарната донаторска изложба беа поставени повеќе од 130 уметнички дела, дела на уметници од Македонија, од странство а секако беа вклучени и делата од Сара и нејзината мајка Лидија.

Средствата од купените изложени дела ќе бидат донирани  за помош и поддршка на деца без родители и деца без родителска грижа.

Делата на Сара и нејзината мајка како оригинали не се продаваа, но со секоја донација посетителите добиваат нивна печатена репродукција.

За време на изложбата свој настап имаше и рок групата „Корка“ од Кочани чиј член беше и Сара која свиреше на тапани.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ