Почитувани претставници на медиумите,
почитувани и ценети сограѓани,
Во пресрет на одбележувањето на годишнината од трагичниот настан од 16 март 2025 година, Општина Кочани заедно со Организацискиот одбор составен од Здружението на граѓани „16 Март“, ОО на Црвен крст – Кочани, Црковниот храм „Св. великомаченик Георгиј“ ,ЈЗУ ОБ Кочани, советници и НУЦК „Бели мугри“, подготвивме заедничка и достоинствена програма со која ќе им оддадеме почит на загинатите, ќе ја изразиме поддршката кон повредените и ќе искажеме искрена благодарност кон сите што несебично помогнаа во деновите на најголемата болка.

Програмските активности се распоредени во три дена – 14, 15 и 16 март.
На 14 март ќе се одржат православни содржини посветени на упокоените во несреќата – молитвено сеќавање и духовно единство во нивна чест.

Настанот на 15 март го насловивме „Кочани Ви благодари“. Овој ден ќе биде посветен на повредените и на благодарноста кон сите институции, здравствени установи, здруженија, поединци и сите ,сите оние што помогнаа младите да преживеат и да закрепнат. Од наша страна се упатени официјални покани до здравствените установи што ни беа огромна поддршка по несреќата, но сакам јавно да им се обратам и на повредените деца кои и денес имаат контакт со болниците во кои беа лекувани – Ве охрабрувам самите да ги поканат своите Доктори и медицинските крепители. Општина Кочани е овде и ќе ги удостои со топол и срдечен прием, ќе им обезбеди сместување и сите потребни почести.

Планираме поканетите делегации од институциите и здруженијата што дадоа свој придонес да ги одликуваме со статуетки на благодарност, по што настанот ќе продолжи со пригодна културно-уметничка програма – како израз на живот, надеж и заедништво.
Содржините на 16 март ќе бидат посветени на достоинствено оддавање почит на починатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“. Младите што трагично ги загубивме, заслужуваат почитта кон нив да ја искажеме мирно, достоинствено и сплотено – како што доликува на заедница што памети и што се грижи.

Деталите од програмата дополнително и поединечно ќе ги соопштуваме.
Им благодарам на сите со кои најдовме заеднички јазик за подготовка на оваа програма. Верувам дека во најголем ред, сплотеност и заемна почит ќе ја реализираме.
Нека овие денови не бидат само сеќавање на болката, туку и нов лист во нашето заедничко делување – да станеме општина на сплотеност, истрајност и мир.

Владко Грозданов
Градоначалник на Општина Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
