СЕДНИЦА НА КРИЗНИОТ ШТАБ НА ОПШТИНА КОЧАНИ

јули 31, 2024
0 min read

Заради координација на надлежните служби за заштита и спасување и преземање засилени превентивни мерки во претстојниот празничен период, Кризниот штаб на Општина Кочани одржа седница.

Надлежните информираа дека најсериозна е состојбата на Осоговските Планини, каде што се интервенира на пожарот во атарот на Пресека. Исто така, пожарот од пробиштипски Зеленград дошол до месноста Панаѓур. Натамошното ширење е спречено со ископи од механизација.

Синоќа единиците успешно интервенирале на пожари во селата Нивичани, Бели, Соколарци и Теранци, а дојава за пожар имало и од селото Уларци, како последица на пожарот во Пробиштипско. Пожарникарите од ТППЕ и ДПД вчеравечер имале интервенција и на пожар кај Градската депонија.

Под контрола е ставен пожарот во атарот на Главовица, со кој противпожарните служби се справуваат четврти ден. Тој е локализиран и го контролираат мобилни екипи од ТППЕ – Кочани.

Според податоци од надлежните, голем дел од пожарите се подметнати. За вчерашниот случај кај селото Бели, отворена е постапка во Јавното обвинителство – Кочани и се работи на идентификација на лицето што го подметнало пожарот.

Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов побара засилена контрола во претстојниот период, како од инспекциските така и од полициските патроли, редовна меѓуинституционална комуникација и брза професионална проценка на ризикот и потребите за интервенција при настанати пожари.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ