ПРОГЛАСЕНИ НАЈУСПШНИТЕ СПОРТИСТИ НА КОЧАНИ ЗА 2024 ГОДИНА

Во Спорт
јануари 24, 2025
1 минути

Во салата за состаноци на Локалната самоуправа Кочани во средата се одржа состанок на кој беа прогласени најуспешните спортисти на Кочани за 2024 година.

Изборот го извршија не како што дваесетина години се најавува  Асоцијацијата на новинари на Кочани која никогаш и не постоела туку секогаш во гласањето учествувал по еден претставник од секој медиум во општината.  Годинава се направи преседан на манифестацијата бидејќи во изборот учествуваа по двајца претставници од ТВ Кочани, и од Радио Кочани, и по еден од електронскиот портал „Сито“ – Кочани и на општо изненадување еден претставник од М-нет телевизија од Штип!.

За „Најуспешен спортист на Кочани во сениорска конкуренција“ клубовите предложија 7 спортисти, но комисијата четворица веднаш  елиминираше од списокот (Ана Ајтовска – КГС Кочани), Филип Ангелов – БК Спартак, Јован Арсов и Владимир Трајков и двајцата од Карате клуб Партизан) бидејќи истите според Одлуката немаат наполнето 16 години и не можат да влезат во оваа конкуренција. Од преостанатите тројца најмногу гласови доби Филип Стојанов од Карате Клуб „Партизан“ – Кочани, второпласиран е Мартин Андонов од КГС „Кочани“ а на третото место според освоените бодови се пласираше Наталија Карова, член на Карате Клуб „Кочани“.

Во конкуренција за „Надежни спортисти“ имаше 21 предлог па комисијата одлучи сите да бидат наградени.

Карате Клуб „Кочани“ го доби признанието „Најдобар клуб“, Зоран Сребренов од БК Спартак е прогласен за „Најдобар тренер“ а додека Столе Тошев актуелен секретар на ОФС Кочани и тренер на екипата „Академија Тошев“ од Оризари го доби признанието „Спортски работник за 2024 година“.

Остана непознаница што со четирите предложени спортисти во сениорска конкуренција кои беа елиминирани поради неисполнување на условите, односно поради немањето на 16 години? Каде ќе бидат рангирани и дали им следува награда за вложениот труд и за постигнатите резултати.

Наградите на најуспешните ќе им бидат врачени кон крајот на месецот.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ