По повод 7 Септември, денот на ослободувањето на Кочани, денес во Мултикултурниот центар се одржа Свечената седница на Советот на Општина Кочани на која беа доделени највисоките општински награди – Наградата за значајни остварувања за развојот на Општина Кочани и Наградата за животно дело.
Во знак на признание за придонесот во развојот на Општина Кочани, Наградата за значајни остварувања за развојот на Општина Кочани е доделена на Граѓанската иницијатива Support Kocani која што се роди во најтешките мигови за нашиот град, веднаш по трагичниот настан на 16 март 2025 година. Она што започна како обид за помош и поддршка на повредените и нивните семејства, прерасна во симбол на солидарност, човечност и обединување. Со несебична посветеност и искрена хуманост, Support Kocani успеа да ја мобилизира целата заедница – граѓани, компании, организации и наши сограѓани од дијаспората.
Според одлуката на одборот за доделување награди на Општина Кочани, наградата за животно дело постхумно е доделена на Трајче Ѓорѓиев, актер, којшто во театарскиот живот на Кочани има оставено неизбришливи траги уште како аматер, а подоцна и како професионалец во театарската уметност. Тој беше и драмски режисер, особено ангажиран во пантомимата. Пет негови претстави се добитници на Гран при наградата, највисокото признание што го доделува Драмскиот аматерски фестивал на Македонија.
На одржаната Свечена седница в.д. градоначалникот Венко Крстевски имаше свое обраќање во кое ги честиташе празниците 7 и 8 Септември, а воедно ги истакна и постигнувањата во изминатиот период од денот на неговото стапување на функцијата в.д. градоначалник.
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ