Во периодот од 31 октомври до 2 ноември, се одржа „Startup Weekend Skopje 2025“, најголемиот претприемачки настан во Република Македонија. Темата на овогодинешниот настан беше „fintech“. Овој сектор претставува спој од финансиски и технолошки услуги за подобро управување со финансии.

На настанот учество земаа повеќе од 45 учесници и 8 тимови кои имаа заедничка цел да креираат современи и иновативни fintech решенија. 54 часа исполнети со креативност, страст и тимска работа. Идеите станаа реалност, а предизвиците – можности. Најдобрите идеи и тимови беа избрани од страна на жирито кое беше составено од Ана Николова од ProCredit Bank, Јасен Димитров од Mastercard, Катерина Бошевска од EОS Matrix, Филомена Пљаковска Аспровска од CaSys International и Сашка Костовска Длака, независен консултант.

Оваа година првото место го освои „EduPari“, тим составен од Горазд Ангелов, Христо Михајлов и Бојан Алексов од Кочани и Ненад Ристов од Виница. Тие ја развија апликацијата Edu Pari која преку забавен и гемифициран начин за различна возраст го подига нивото на финансиска писменост во Македонија. Во време кога сме сведоци на финансиски измами, лошо менаџирање со пари и лоши инвестиции, оваа апликација им помага на луѓето да донесат подобри и поправилни финансиски одлуки.

Победата како што истакна Горазд Ангелов еден од членовите на тимот „EduPari“ ја посветија на настраданите во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Како победници, тимот обезбеди место во финалето на инкубаторската програма „ Имам идеја 3“, каде ќе имаат шанса својата идеја да ја презентираат на главната сцена на „Startup Revolution AI Summit“, првиот и најголем регионален Startup & AI Summit кој собира учесници од над 30 земји, има над 80 врвни говорници и над 1000 учесници од целиот регион.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
