На 2 и на 3 декември Општина Кочани е домаќин на завршната работилница од основната фаза на проектот „Промотер – Промовирање на територијални стратегии за одржлива мобилност преку хабови на потрошувачи на зелена енергија“, финансиран од програмата Interreg Europe.

„Проектот „Промотер“ е иницијатива која за Општина Кочани е многу повеќе од обична проектна активност. Овој проект претставува можност за вистински напредок – за размена на искуства, за учење од добри практики и за подобрување на локалните политики во согласност со европските стандарди. Убеден сум дека резултатите од основната фаза ќе ни помогнат да поставиме цврста основа за следните чекори, а наученото да го претвориме во вистински промени – во корист на граѓаните на Кочани и во насока на европските вредности што ги споделуваме“ истакна во своето поздравно обраќање Александар Андов, претседател на Советот на Општина Кочани.

На дводневниот настан во Кочани присуствуваат четириесет учесници од сите партнери на проектот, а програмските активности опфаќаат презентирање на резултатите од основната фаза на проектот. Секој проектен партнер има презентација за својата промена на политиката.
Општина Кочани ќе ги презентира добрите практики за паметно мерење на енергијата и управување со јавното осветлување и градскиот јавен превоз, а ќе биде организирана теренска посета до Пречистителната станицата за третман на отпадни води и посета на системот за геотермална вода „Геотерма“. На завршниот настан ќе бидат претставени и резултатите од второто внатрешно истражување за самооценување на проектот. Ќе се дискутира и за преостанатите активности за завршување на основната фаза и активностите за следење на фазата на следење (12 месеци подоцна), како и за финансиската состојба.

Проектот „Промовирање на територијални стратегии за одржлива мобилност преку хабови на потрошувачи на зелена енергија“ е со временска рамка до март 2027 година.
Лидер на проектот е Општина Ливорно од Италија, а има партнери од Латвија, Романија, Финска, Белгија, Чешка, Шпанија, Португалија и Унгарија. Општина Кочани во проектот учествува како партнер набљудувач, а Центарот за развој на Источниот Плански Регион, Советот на Општина Кочани и КЈП „Водовод“ се вклучени како засегнати страни.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
