ЦРВЕН КРСТ: ДЕКЕМВРИСКА КРВОДАРИТЕЛСКА АКЦИЈА, КРВ ДАРУВАА 49 КРВОДАРИТЕЛИ

декември 25, 2025
1 минути

Црвен крст на Р.С Македонија  – Општинска организација Кочани денеска ја реализираше последната крводарителска акција за тековната година на која крв даруваа 49 крводарители.

Акцијата е 20-та по ред што ја спроведе општинскиот Црвен крст во соработка со Институтот за трансфузиона медицина Штип.

„Во тековната година реализиравме 12 редовни крводарителски акции, секој последен четврток во месецот во Црвен крст Кочани, три во соработка со Одделението за внатрешни работи, две младински крводарителски акции во средните училишта, една во општина Зрновци и компанијата „Руен Инокс Автомобиле“ и една вонредна крводарителска акција. Ја користиме приликата да се заблагодариме на сите крводарители кои во текот на 2025 година се вклучија во акциите за дарување крв и придонесоа за задоволување на крвните резерви во државата. Ги повикуваме да не посетуваат и во следната година што доаѓа“, соопштија од Црвен крст Кочани.

На декемвриската крводарителска акција крв даруваа 15 млади лица до 30 годишна возраст и двајца првократни дарители. Во 2025 година на локално ниво собрани се над 1000 крвни единци. Од Црвен крст Кочани истакнаа дека во новата 2026 во план е зголемување на бројот на крводарителски акции со отворање на нови средини за дарувања и воспоставување на други традиционални крводарителски акции.

Граѓаните може да даруваат крв секој последен четврток во месецот во просториите на Црвен крст Кочани или секој понеделник и четврток во Службата за трансфузиона медицина во кочанската болница.

Црвеб крст – Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ