Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, првиот ден од 2026 година ги посети Територијалната противпожарна единица – Кочани и Одделението за внатрешни работи – Полициска станица – Кочани, каде што на дежурните служби им ја честита Новата година и разговараше за активностите преземени во текот на празничната ноќ.

Во ТППЕ – Кочани информираа дека единицата немала интервенции минатата ноќ. Градоначалникот ја искористи посетата да направи увид на возниот парк и да разговара за можните решенија за надминување на предизвиците со кои се соочуваат кочанските пожарникари при интервенциите на терен.

Командирот на ПС – Кочани, Горан Миленковски-Спенсер и началникот на Надворешната канцеларија за криминалистички работи, Тоше Стојанов и нивните соработници информираа за преземените активности во делот на криминалитетот, јавниот ред и мир и во сообраќајот, а истакнаа дека синоќа е регистрирана и минимална употреба на пиротехнички средства.
„Новогодишната ноќ поминала во релативно мирна атмосфера, со минимални интервенции од помал обем. Средбите во ТППЕ – Кочани и ПС – Кочани ги искористивме да разговараме и за решавање на наталожени проблеми и за претстојни активности што ќе помогнат за забрзана реализација на веќе најавени капитални проекти“ соопшти градоначалникот Грозданов.

Општина Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
