РОМАНСКА ДЕЛЕГАЦИЈА ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА КОЧАНИ

февруари 5, 2026
1 минути

Амбасадорката на Романија, Моника Аксинте и делегација предводена од д-р Раед Арафат, државен секретар за цивилна заштита во Министерството за внатрешни работи на Романија, денеска ја посетија Општина Кочани и остварија средба со градоначалникот Владко Грозданов. Главната цел на посетата беше споделување на искуствата на Романија во справувањето со вонредни ситуации, а особено со пожарите во урбани средини, по трагедијата во клубот „Колектив“ во Букурешт, во октомври 2015 година.

„Романија е со Македонија од самиот почеток, помагајќи во транспортот на повредените до дестинации што обезбедуваат нивно префрлање во специјализирани болници и приоритетен медицински третман. Ниту една европска држава не може сама да се справи со вакви ситуации, по што трансферот на експертиза останува едно од најефикасните средства што можеме да ги користиме за подобрување на одговорот при катастрофи“  истакна на средбата државниот секретар за цивилна заштита Арафат.

Градоначалникот Грозданов се заблагодари за поддршката во напорите за надминување на колективната траума и долгорочните последици од трагедијата, како и за понудената соработка и постојаниот дијалог за подобрување на механизмите за цивилна заштита што можат да помогнат во спречувањето на природни катастрофи и на слични пожари во урбани средини.

Романската делегација ги посети и ТППЕ – Кочани и Општата болница со проширена дејност – Кочани.

Општина  Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ