По повод големиот национален празник Илинден, градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, членови од Советот на Општината и општински граѓански и партиски делегации положија свежо цвеќе на Споменикот на слободата и на споменикот на Никола Карев во Паркот на Револуцијата.

„Денеска одбележуваме123 години од Илинденското востание во Крушево и 82 години од АСНОМ. 2 Август не е само обичен датум. 2 Август обединува два различни датума, една идеологија, многу генерации, една визија, а тоа е татковината на кога илинденците во 1903 се охрабрија и го подигнаа својот глас знаејќи и без тоа дека се многу послаби од противникот, невооружани, речиси и со голи раце и кога 10 дена нивното востание беше задушено и платија со своите животи, а своите коски ги оставија во темелите на нашата држава.

На 2 Август 1944 година во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ тие темели се надоградија со столбовите, институционалните столбови на нашата идна држава. А со осамостојувањето, еве денес, можеме гордо да кажеме дека живееме во слободна држава, го зборуваме мајчиниот јазик и ги градиме институциите самите ние. Слава на хероите. Благословена да е утробата на секоја мајка што ќе го продолжи македонскиот род. Благословени да се нашите наследници. Ние сме должни да го браниме заветот, а аманетот нека остане за идните генерации. За многу години, нека е вечен Илинден, да е вечна Македонија„ повика градоначалникот Грозданов.

Честитка по повод големиот празник Илинден упати и пратеникот во Собранието, Миле Лефков.

„Со положување свежо цвеќе на Споменикот на слободата и на споменикот на Никола Карев овде во Паркот на Револуцијата оддаваме почит на сите што се бореле за независна Македонија и ги оставиле своите животи. Илинден не е само наша историја Илинден е и наш завет завет за иднината за да градиме просперитетна, демократска, развиена и горда Македонија. Нека ни е вечен Илинден нека ни е вечна Македонија“ рече Лефков.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
