ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА „ЗА ЧИСТ ВОЗДХ ВО КОЧАНИ“ НА ПРОТЕСТ ПРЕД ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНА СРЕДИНА

мај 12, 2022
0 минути

Под мотото „Кочанска скара на сончогледови пелети“ членови на Граѓанската иницијатива „За чист воздух во Кочани“ се собраа денес пред Државниот инспекторат за заштита на животна средина за да го искажат незадоволството на кочанчани поради континуираното загадување на воздухот од страна на „Пајпер мил“.

Компанијата „Пајпер мил“ кои кочанчани оправдано ја прекрстија во „Пајпер кил“ веќе неколку години со испуштање на густ чад полн со штетни материи го загадува воздухот во Кочани а и со испуштање на штетни материи ја загадува и Оризарска река.

Кочанчани неколкупати излегуваа на масовни протести, годинава се собраа повеќе од 6.000 потписи за да уште еднаш се каже НЕ за загадувањето на воздухот, но не само менаџерскиот тим на „Пајпер мил“ што е глув и слеп на нивните барања, туку и Државниот инспекторат се однесува како незаинтересирано за да им помогне на жителите на Кочани.

Единствен заинтересиран кој се зафати да ја истера работата до крај беше Ана Петровска – сега веќе бившиот Директор на Државниот инспекторат за заштита на животната средина, но очигледно тоа некому не му одговараше па истата преку ноќ беше сменета од функцијата со што некој како да даде легитимитет фабриката и понатака да работи и да го загадува и воздухот и водата во Кочани.

С. Ивановски