Трите не земани плати беа причината утрово пред зградата на Водостопанство „Брегалница“ во Кочани спонтано да излезат вработените и да го искажат својот револт.
„Главната причина е што досега не ни се исплатени две плати, а веќе од утре влегуваме во третиот месец како немаме земено плата. Ние сме Акционерско друштво на ниво на Македонија кое со ваква поставеност не може да функционира. Во Скопје има вработено само 80 луѓе администрација, а ние овде во подружницата сме 20 вработени и 20-тина времено ангажирани луѓе за време на наводнителната сезона што претставува проблем во извршувањето на задачите. Денешниот предупредувачки протест е да го разбудиме менаџментот на Акционерското друштво и да ги слушне нашите реални проблеми“, истакна Станче Стефанов, вработен во АД „Брегалница“ поддружница Кочани.
Драга Петрова, вработена во АД Водостопанство „Брегалница“ – Кочани само се надоврза: „Станува збор за спонтан предупредувачки протест. Утрово протестираме за нашите плати и услови во кои работиме. Целта е да го слушнат нашиот глас, по протестот се враќаме на извршување на нашите секојдневни работни задачи“.
Освен за неисплатените плати, протестот е насочен и кон лошите услови за работа и немањето доволен број на работници како и соодветна опрема за работа иако оваа подружница е меѓу најдобрите во Македонија по реализација на наплатата на водниот надомест кој изнесува 90%.
За потсетување, водостопанската подружница „Брегалница“ од пред десетина дена поради долг кон ЕВН е исклучена од мрежата за напојување со електрична енергија.
Благодарност до „Гласно.мк“ за фотографиите
С. Ивановски