АКО Е ЗА АИР, ДОСТА СЕ ТРОШЕА ПАРИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ ЗА ЦРНА ХРОНИКА

јануари 29, 2026
0 минути

Украдена оградата на ПД „АСНОМ“, украден дел од кровот на истиот дом, разбиено музичкото училиште, разбиена трафостаница, запалени кабли предизвикаа пожар од големи размери, палење на гуми, оштетени клупи, оштетени канделабри, украдени или искршени реквизити во детските игралишта и што ли уште не, се штетите кои постојано некој ги прави во градот и околината.

И сето тоа мора да биде санирано, обновено а за се мора да има пари кои се трошат немилосрдно од Буџетот на општината, пари кои се собрани од народот.

И наместо тие финансиски средства да бидат наменети за нешто ново, за нешто поубаво тие мора да се трошат за црна хроника.

Ако е за аир ДОСТА  Е. Време е за поставување на камери како што впрочем секој цивилизиран град ги поставува. Камерите би чинеле многу поевтино отколку да се трошат пари за обнова на оштетеното или украденото.

Приказните дека поединци се против поставување камери од причина што ќе им биде нарушена интимата не држат.

Време е Градоначалникот заедно со советниците да седнат на маса и да се договорат да почне поставување на камери, најпрвин на клучните објекти во градот а потоа и по улиците се со цел да почне Кочани поспокојно да дише. Да се донесе одлука оние кои ќе бидат регистрирани од камерите да ја надоместат комплетната штета а и нормално против нив да бидат поткренати и други законски мерки.

Така камерите би чинеле многу поевтино отколку постојано да се плаќа за направената штета.

За ваква реализација не треба многу, доволно е надлежните да имаат желба и донесување на одлука.

Време е да почнеме да ги следиме светските трендови.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ