Вчера (Среда) се одржа 64-тата седница на Советот на Општина Кочани. Советниците требаше да дебатираат по 46 точки од дневниот ред, но со додадените две значи бројот се зголеми. Неколку точки ја побудија заинтересираноста на жителите на Кочани, но некако деветтата точка која гласеше „Заклучок за запирање издавање одобренија без согласност од сопствениците на површини кои се заедничка сопственост“ како да беше најочекувана, најчувствителна.
По големиот број на дискусии и по поднесените факти се утврди дека Општина Кочани стопанисувала со просторот во Градскиот трговски центар кој не е во сопственост на Република Македонија туку на сопствениците во зградата „А“ каде и се поставени угостителски објекти.
Од дискусијата на советничката Ивана Максимова може да се слушне дека тој простор е со КП број 12231 во Имотен лист запишана под број 16832 за КО Кочани како катастарска култура ЗПЗ (земјиште под зграда) со површина од 4769 м² и во заедничка сопственост на повеќе сопственици.
Според изнесените факти излегува дека Општина Кочани повеќе години стопанисувала со простор на кој немал право.
Сопствениците на просторот во зградата „А“ се на потег, дали ќе има сето ова некаква судска разрешница ако се знае дека само од овој простор на годишно ниво општината обезбедувала неколку илјади евра.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ