На нива во атарот на Оризари, во присуство на гости од земјава и странство, дипломатски и високи државни претставници, членови на домашни и гостински фолклорни друштва, беше прикажан обичајот зажнејување на ориз.
Со срп, жетварски песни, благослови за добар род и здравје, во традиционалната жетва учествуваа членовите на Здружението на пензионери од Кочани, заедно со жетварските убавици Марија Стаменкова, Мартина Костадинова и Ивона Ефтимова.
Обичајот вршидба на ориз на традиционален начин беше прикажан на гумно во Оризари, каде што продолжи културно-забавната програма во чест на кочанскиот ориз и дегустацијата на приготвената храна од ориз од страна на домаќинките од Оризари, припадници на АРМ и на гостите од Херцег Нови, Црна Гора.
Наградата за најуспешен оризопроизводител, годинава ја поделија Сашко Трајчев и Сашо Стојанов.
Покрај настапот на Дамјан Стојаноски имаше настап на фолклорни групи и оркестри.
Културно-забавната програма се одржа непосредно до црквата „Св. Атанасиј“ во Оризари, чија убавина доминираше на локацијата украсена со етноелементи, како дел од културното наследство на овој крај.
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ