Се играше втората минута од судиското надополнување кога домаќините тргнаа во последниот напад, ново влезениот Филип Јованов доби топка во празно се уфрли помеѓу двајцата одбранбени гостински играчи и со удар од четиринаесеттина метри ја затресе мрежата на немоќниот Антонио Столевски и го израмни резултатот на 1:1 со што им ги затвори устите на сезнајковците кои однапред се знаеја, а всушност ништо не знаеја.

Во рамките на 24-тото коло од Втората Фудбалска Лига на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани, пред повеќе од 700 гледачи „Осогово“ и „Шкендија“ од Арачиново одиграа 1:1 (0:1). Натпреварот беше од големо значење за двете екипи, гостите да останат во борбата за највисок пласман а домаќините да не дозволат да после натпреварот се „плетат“ разни нереални приказни.

Почетните минути не беа на страна на домаќините, напротив гостите уште во 8’ го отворија резултатот. По корнерот од десната страна на центрираната топка во „срцето“ на домашниот шеснаесетник натрча Арсим Љамалари и едноставно ја закова топката во мрежата на немоќниот Ѓорѓи Јованоски. По водството гостинските играчи играа повеќе на средината на теренот и својата шанса ја чекаа во против нападите додека „жетварите“ се обидуваа нешто да направат со удари од далечина. Во 12’ минута по изведениот слободен удар од преку 25 метри гостинскиот голман одлично интервенираше а во 37’ домашниот голман му влезе во шутот на еден гостински напаѓач и со минимално водство на гостите се замина на одмор.
Во вториот дел идентична слика како и во речиси целото прво полувреме.

И наеднаш домашниот тренер во игра ги внесе искусните Драган Паунов и Никола Стоиловски, како и младите Марко Соколов и Филип Јованов и играта на жолто-сините веќе доби нов тек, се играше побрзо и со желба да се израмни резултатот. Правдата стигна во 92’ кога „Осогово“ дојде до посакуваниот резултат.

Со овој бод „Осогово“ и после девет одиграни пролетни кола остана со само еден пораз. Гостите играа добро во поле но повеќе како да чекаа да заврши резултатот со рано постигнатиот погодок отколку да трчаат и по вториот, па освен освоениот бод и не заслужија нешто повеќе.

Резултати од 24-тото коло:
Осогово – Шкендија (А) 1:1
Тетекс – Преспа 2:0
Каменица Саса – Охрид 1:1
Новаци – Скопје 0:1
Брегалница – Големо Коњари 6:1
Вардар – Детонит Плачковица 0:3
Кожуф – Слога 1934 5:2
Победа – Беласица 0:5
Во следното 25-то коло „Осогово“ ја пречекува екипата на „Тетекс“

С. Ивановски.
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
