Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов оствари работна средба со фудбалерите и Управата на Градскиот фудбалски клуб „Осогово“. Средбата следи по неодамнешната значајна победа на „Осогово“ над екипата на „Брегалница“ од Штип, со што клубот се искачи на осмото место на табелата во Втората македонска фудбалска лига.

Во разговорот беа опфатени актуелните состојби во клубот, резултатите и амбициите за понатамошниот тек на сезоната, како и потребите поврзани со реализација на неколку важни инфраструктурни проекти.

Градоначалникот Грозданов и претседателот на Советот на Општина Кочани Александар Андов ги информираа присутните за можностите кои локалната самоуправа ги има за поддршка на клубот – како преку општинскиот буџет, така и преку апликации за проекти финансирани со државни средства. Тие ја истакнаа подготвеноста Општина Кочани да продолжи да вложува во спортот, создавајќи подобри услови за младите и за развој на спортските колективи.

Од ГФК „Осогово“ изразија благодарност за интересот и поддршката, потенцирајќи дека ваквите средби даваат дополнителен мотив за уште подобри резултати и на градоначалникот Грозданов му врачија подароци со Медо, новата маскота на „Осогово“. Производите со Медо се пуштени во продажба, а собраните средства ќе бидат наменети за ГФК „Осогово“.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
