ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГРОЗДАНОВ ОБЕЗБЕДИ ПОМОШ ЗА ОПШТА БОЛНИЦА И ЗА ПООВРЕДЕНИТЕ ВО „ПУЛС“ ОД MEI

декември 12, 2025
1 минути

Градоначалникот Грозданов обезбеди помош за Општа болница и за повредените во пожарот од Американската здравствено-едукативна организација MEI

Денеска градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов ги прими во посета претставниците на Американската здравствено-едукативна организација – MEI, кои престојуваат во Кочани со цел да понудат поддршка за повредените во трагедијата во „Пулс“.

На средбата со градоначалникот беа отворени прашања поврзани со актуелната состојба на повредените младинци, со нивните потреби по пожарот и со можностите за натамошна помош. По разговорот во Општината, делегацијата ја посети Општата болница во Кочани за да ја согледа моменталната состојба, а се сретна и со неколку од повредените лица и поблиску се запозна со нивната здравствена состојба.

Според првичните најави, договорено е поддршката што ќе ја обезбеди организацијата да опфати структурно обновување, технички помагала и неопходна опрема, како и дополнителна стручна поддршка за здравствена грижа на повредените.

Градоначалникот Владко Грозданов истакна дека ова е помош што ја ветил претходно, и дека ваквите форми на соработка се од големо значење за заедницата.

„Загубите и траумите што ги доживеа нашата заедница не може да се надоместат, но секоја помош за младите што беа повредени е драгоцена. Благодарни сме за иницијативата и подготвеноста на асоцијацијата MEI да се вклучи со конкретна поддршка. Општина Кочани ќе продолжи активно да се грижи за повредените и за нивните семејства и ќе работиме заедно за тие да ја добијат неопходната помош“ порача градоначалникот Грозданов.

Општина  Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ