ЈАВНА ТРИБИНА: ДЕБАТА ЗА ЛОКАЦИЈАТА НА СПОМЕН-ОБЕЛЕЖЈЕТО „ПАТЕКА НА БЕСКОНЕЧНОСТА“

јануари 13, 2026
1 минути

По заклучок на Советот на Општина Кочани, градоначалникот на Општина Кочани организираше јавна трибина по иницијативата на Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“ за определување локација за спомен-обележје на местото познато како Стар парк во Кочани, на триаголникот помеѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на револуцијата“.

Во присуство на заинтересирани граѓани, во салата на Мултикултурниот центар за Кочани, службите од Одделението за урбанизам соопштија дека односната локација е плански соодветна за реализација на барањето од Здружението на граѓани.

Со цел да се опфати мислењето на пошироката јавност,  во периодот од 2 до 11 јануари беше активна анкета на оваа тема, којашто содржеше две прашања: Дали се согласувате со иницијативата на Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“, локацијата Стар парк (на триаголникот помеѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на револуцијата“) да биде определена за локација за спомен-обележје на загинатите во „Пулс“ и второто прашање, всушност беше опис на мислењето во врска со иницијативата.

На анкета со помош на дигиталната алатка мЗаедница, на првото прашање одговориле: 260 граѓани, од кои 82 %  се согласуваат со предлогот за определување локација за спомен-обележје, а 18 % се против.  На второто прашање одговориле вкупно: 132 граѓани, од кои 63 % ја образложиле согласноста, 19 % не дале образложение, 0,05 % се изјасниле повторно дека не се согласуваат, додека останатите не дале јасни образложенија.

Јавната трибина беше искористена и за директно анкетирање на учесниците, коишто можеа да пополнат анкетен лист со истите прашања. Од 53 учесници во анкетата, сите одговориле дека се согласуваат со предложената локација.

По објаснувањето на идејата и значењето на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“ од Александар Наунов, претседател на Здружението, граѓаните имаа можност на јавната трибина да ги искажат своите мислења, да прашуваат и да предлагаат, а градоначалникот Владко Грозданов одговараше на нивните прашања и ја образложи неопходноста од трибината како форма за непосредно учество на граѓаните во донесувањето одлуки и можност за отворено сопоставување на различните мислења.

Претседателот на Советот на Општина Кочани Александар Андов и присутните членови  претставници од советнички групи отворено ја изразија подготвеноста на следната седница да ја прифатат поднесената иницијатива на Здружението „16 март“, а градоначалникот Грозданов најави итни административни постапки со цел спомен-обележјето да биде завршено до годишнината од смртта на младите во пожарот во „Пулс“.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ