КПС „МОСКИТО“ – КОЧАНИ, ИСКАЧУВАЊЕ НА ВРВОТ ZUGSPITZE ВО ГЕРМАНИЈА, ВИСОК 2962 МЕТРИ

Во Спорт
октомври 25, 2024
1 минути

КПС „Москито“ – Кочани по долгорочно договарање конечно се договоривме на 19, 20, 21 и 22 да го искачиме Цугшпице (Zugspitze), највисокиот врв во Германија на надморска височина од 2962 мнв.

Се договоривме да го качуваме по рутата што минува низ долината Холентал каде требаше да преспиеме во планинарскиот дом Холентал и утре по виаферата да се искачиме на Цугшпице. По обилните врнежи на снег на Алпите и информациите што ги добивме од сајтовите, од луѓето по домовите, од пријатели што веќе се таму, многу места од Алпите биле затворени. Моравме да ја смениме рутата и ја избравме таа што започнува од Гармиш-Партенкирхен, некаде по сајтовите се вика дождовна долина. Решивме да отидеме со авион Скопје – Мемингем, со рентакар до Гармиш-Партенкирхен. Малку комплицирано со авион поради опремата за ферата и ограничување на времето, ама како е, така се договоривме.

Откако слетавме и изнајмивме кола се упативме до Гармиш-Партенкирхен, колата ја оставивме точно кај скокалницата, ако го интересира некој не се наплаќа паркинг. Си ја земавме потребната опрема и се упативме кон планинарскиот дом  Rentalangehutte кој  се наоѓа на височина од 2050 мнв. После испешачени 13 км стигнавме во домот. Инфраструктурата на патеката е преубава и многу живописна. Како за инфо се води за лесна патека. Се сместивме и преноќивме. Сабајле во 8 часот се упативме кон Цугшпице. Од сите информации во домот, сите оделе до другиот дом Knorrhute и се враќале назад. Попатно ни се придружија двајца планинари од Германија. После 3 часа пешачење стигнавме до домот Кнор. Како ја совладувавме планината, височината на снегот беше се поголема и поголема. Во домот одморивме кратко и се упативме кон наредната дестинација Zugspiceplaz, кој се наоѓа на 2600 мнв. Снегот достигнуваше и до 70-80 см, конфигурацијата на теренот со мали губења на висината и повторно качување, заобиколување на опасните места и пропаѓањето во снегот доста не забави и изгубивме многу време. Кога стигнавме во Zugspizeplaz беше 16 часот. Додека го чекавме другиот член веќе ми беше јасно дека немаме време  да ја искачиме фератата од Zugspizeplaz до  Zugspize. Причините се големиот снег и немањето време за враќање кон домот од каде што тргнавме што беше и првичниот договор. Другата причина беше спуштањето со жичарата до езерото Eibze, последната гондола беше за некои 20 минути, при што ни даде голем притисок, но успеавме да ја фатиме гондолата до Zugspizе и за 5-7минути бевме на врвот на Zugspize. Ама неофицијално дека никој не не пушташе да излеземе од зградата бидејќи имаше 10 минути до последната гондола до езерото Eibze. Се фотографиравме на 30 метри воздушна линија од врвот, некаде 300 метри по земја. Ама тоа е. Се спуштивме до езерото Еибзе и последното вовче до Гармиш-Партенкирхен, се последно ама успеавме. Тука ни заврши планинарењето, се сместивме во Аузбург, 2 ноќевања и од таму Мемингем-Софија со авион, Софија-Кочани со кола.

Останува да се начека друга прилика. Планината не бега, таму е, ќе се видиме што поскоро, строго летно време.

Благодарност до Јордан Трифунов, Дарко Цеков и Општина Кочани.

Клуб за планинарски спортови

„Москито“ – Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ