НА 04. МАЈ (НЕДЕЛА) ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВЕЛОСИПЕДСКАТА ТУРА ВО ЧЕСТ НА ЗАГИНАТИТЕ ВО „ПУЛС“

април 30, 2025
0 минути

Во недела, на 4 мај, ќе се одржи закажаната „Вело тура по патеката на оризот во чест на трагично загинатите во Кочани“, што заеднички ја организираат нивните семејства и Општина Кочани.

Велосипедската тура ќе стартува во 11 часот од Паркот на Револуцијата, каде ќе има координација и обраќање на родителите. По стартот ќе се вози во правец на Грдовци, а оттаму кон Мојанци каде во кругот на црквата „Св. Кирил и Методиј“ ќе има кратка пауза. Потоа учесниците ќе продолжат кон Горни Подлог и кон кружниот тек кај хотелот „Национал“, а  пред клубот „Пулс“ ќе им биде оддадена едноминутна почит на загинатите.

Турата ќе продолжи по улиците „Димитар Влахов“, „Глигор Апостолов – Гочо“ и „Маршал Тито“, а околу 13:30 часот се планира учесниците да стигнат на завршната позиција во Паркот на Револуцијата.

Родителите на младите херои кои ги изгубија животите во пожарот во „Пулс“ ги повикуваат сите велосипедисти, спортисти, членови на спортски клубови, на здруженија, рекреативци и други граѓани да им се придружат во благородната иницијатива во спомен на жртвите.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ