НА 15 НОЕМВРИ ВО КОЧАНИ – И ЈАС СУМ ТУКА И ПРОЕКЦИЈА НА ФИЛМОТ „МОДНА РЕВИЈА“

Во Филм
ноември 11, 2022
1 минути

Изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“ на авторите Тоше Огњанов и Сребра Ѓорѓијевска ќе биде отворена на 15 ноември во 18 часот во Градската библиотека „Искра“ во Кочани. Вклучува 20 лица со посебни потреби од повеќе градови од Македонија на различна возраст, а портретите се придружени и од приказни посветени на нив.

На настанот ќе бидат промовирани и книгата „И јас сум тука“, во која се сместени сите приказни на луѓето-учесници на изложбата, како и македонскиот превод на „Не престанувајте да се гушкате“ од Оса Емрот, книга со цитати на актерите од театарот „Глада Худик“ од Шведска.
Веднаш по отворањето на изложбата, во Младинскиот културен центар ќе биде прикажан и документарниот филм „Модна ревија: Од ‘Глада Худик’ до Њујорк“ во режија на Јохан Ског, популарен филм во Шведска во кој учествуваат актерите од театарот „Глада Худик“, на кои им се остварува животниот сон да учествуваат на модна ревија во Њујорк.
Сценариото е на Терезе Брингхолм, Лиа Сидерштром, Јохан Ског. Улогите ги толкуваат: Ема Ертлунд, Никлас Хилберт, Пер Јохансон, Ида Јохансон, Аника Гранлунд Јонсон и др.
Во филмот играат актери од театарот „Глада Худик“, кој е основан во 1996 година од Пер Јохансон, кој смета дека секој од нас треба да биде продолжена рака на луѓето што имаат некаква попреченост. Актерите во овој театар се вистински ѕвезди во Шведска и помогнале многу во борбата со предрасудите кон лицата со интелектуална попреченост.

„И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт. Ова е проект кој во Шведска од 2014 година дал одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020 година. Здружението на граѓани за поддршка на лицата со посебни потреби „Солем“ преку разни активности две години се вклучи во проектот за што повеќе деца во земјава да бидат опфатени преку активности реализирани во училиштата. Годинава наш партнер во реализацијата на овие работилници е здружението „Дајте ни крилја“ и Ребека Јанковски-Ристески.

Целта на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ е да се смени стереотипното однесување кон луѓето со попреченост, да се намалат стигмите и да се крене свесноста за интелектуалната попреченост, вели Ануки Стуруа, проект-менаџер на „Децата не се раѓаат со предрасуди“.