Со примањето на уверението за градоначалник на Општина Кочани, Владко Грозданов од денеска ја презеде највисоката локална извршна функција. Досегашниот вршител на должноста градоначалник Венко Крстевски му ја предаде позицијата посакувајќи му добро здравје и успех во работата.

„Функцијата градоначалник ја прифаќам со голема чест и одговорност. Во овие моменти да се биде градоначалник на Кочани е сѐ, а најмалку функција. Повеќе е одговорност, обврска, завет, храброст, дури и повеќе од храброст. Му се заблагодарив на мојот претходник Венко Крстевски за досегашниот ангажман и секое добро што го има направено за овој град е за почит и за поздрав. Сакам да се заблагодарам на сите граѓани што ја дадоа поддршката за мене и за мојата опција и одовде јавно сакам да истакнам дека нема да ги изневерам. Сакам да се обратам и кон сите оние што не ја дадоа поддршката за мене. Јас не сум човек што пати од суети и комплекси, мојата врата секогаш биде отворена и за нив. Мојата врата ќе биде отворена за сите што нудат нови идеи, решенија, проекти, нови предлози за реализација за подобро утре на кочанчани. Ветувам дека ќе го вложам сиот максимум, дека ќе дадам сѐ од себе, целата моја енергија, Кочани да биде добро, солидно место за живеење“ изјави Грозданов за медиумите.

Новиот градоначалник на Кочани, Владко Грозданов по професија е доктор специјалист, а градоначалничкиот мандат го освои како кандидат на Коалицијата Твоја Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
