ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ПОЖАРНИКАРИТЕ

мај 20, 2025
1 минути

Денеска, Територијалната противпожарна единица Кочани го одбележа 20 мај, Денот на македонските пожарникари. По тој повод во кругот на ТППЕ Кочани празникот беше одбележан со прогласување на најдобар пожарникар и доброволен пожарникар за 2024 година.

Наградата за најдобар пожарникар за 2024 година му припадна на Трифче Лефков од ТППЕ Кочани, додека награда за најдобар доброволен пожарникар му беше врачена на Даниел Јорданов од ДПД Кочани.

В.д. градоначалникот Венко Крстевски им го честита празникот на кочанските пожарникари, истакнувајќи ја важноста на нивната професија и најави дека со средства од Буџетот на Општина Кочани ќе се вработат двајца нови пожарникари, а во следниот период и дополнителни сезонски обучени пожарникари заради зголемениот број интервенции во летниот период. В. д. градоначалникот информираше дека е започнат и процес на вештачење на сите интервенции кои ги има кочанската ТППЕ, пришто согласно Законот за пожарникарство со помош на тоа вештачење ќе биде поднесено барање за исплата на средства до општините Зрновци и Чешиново -Облешево кои имаат законска обврска за истото.

На вчерашната средба меѓу в. д. градоначалникот Венко Крстевски и словенечкиот амбасадор Грегор Прескер беше разговарано и за обезбедување на донација на противпожарно возило кое ќе биде во служба на ТППЕ Кочани.

Командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов истакна дека во текот на 2024 година се регистрирани 329 интервенции за гасење на пожар и технички интервенции на територијата на Кочани, Чешиново– Облешево и Зрновци.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ