ОДРЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ КАРАТЕ ТУРНИР „63 АНГЕЛИ 2026“

февруари 28, 2026
1 минути

Во организација на Карате Клуб „Партизан“  од Кочани а со техничка организација на Карате Федерацијата на Македонија денес во Спортската сала на ООУ „Никола Карев“ – Кочани, „Кочански ангели“ се одржа Меѓународен карате турнир „63 Ангели 2026“ во чест и сеќавање на настраданите во дискотеката „Пулс“ во Кочани пред речиси една година.

На турнирот учествуваа 379 натпреварувачи од 32 карате клубови од Македонија и Србија.

Од името на домаќинот, организаторот на турнирот гостите ги поздрави  Благојчо Арсов повеќегодишен член на КК „Партизан“ од Кочани: „Турнирот нека биде начин за достоинствено сеќавање и почит кон поддршка повредените во трагедијата. Од името на карате клуб „Партизан“ и на цело Кочани им благодариме на Македонската карате федерација, на судиската организација за поддршката во организирањето на овог гурнир и на сите коишто на свој начин помогнаа и помагаат сите учесници да се натпреваруваат и чувствуваат пријатно во Кочани. Со овој турнир испраќаме уште една порака дека каратето е повеќе од натпревар, тоа е карактер, почит и човечност“,

„Името 6З ангели не е само бројка, тоа се 63 соништа, 63 насмевки, 63 животи што треба да продолжат. Наша обврска е никогаш да не ги заборавиме. Ова е искрен гест и придонес кој ни покажува дека не сме сами, дека болката ја делиме сите. Каратето не учи на дисциплина, почит и чест. Денес тие вредности ги претвораме во хуманост и заедништво. Денес победата нема да се мери само со медали туку со срце. Нека овој турнир биде симбол дека од трагедија може да се роди солидарност, дека од болка може да  се роди сила и дека љубовта кон нашите ангели ќе не обединува засекогаш„ рече Александар Наунов, Претседател наздружението „16-ти Март 2025 Кочани“.

Игор Миновски, секретар на Карате Федерацијата на Македонија поздравувајќи ги учесниците на турнирот додаде: „-Како Карате федерација горди сме што поддржуваме иницијативи кои го промовираат спортот како сила што обединува и помага. Вашето учество денес е повеќе од натпревар, а тоа е порака за заедништво и хуманост. На натпреварувачите им посакувам фер борби и успешни настапи, а на сите присутни убави спортски моменти и силна позитивна енергија“.

Средствата кои беа собрани од котизацијата на учесниците, организаторот на турнирот ќе ги донира на волонтерската организација „Сапорт Кочани.

Учесниците на турнирот се натпреваруваа во кати и кумите (борби) а на победниците им беа  доделени медали и дипломи.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ