Општина Кочани се вклучи во интернационалниот проект PROMOTER – Промовирање територијални стратегии за одржлива мобилност и зелена енергија, финансиран од програмата Interreg Europe, каде лидер на проектот е Општина Ливорно од Италија, а има партнери од Латвија, Романија, Финска, Белгија, Чешка, Шпанија, Португалија и Унгарија. Општина Кочани во проектот е партнер-набљудувач, а Центарот за развој на Источниот Плански Регион е вклучен како заинтересирана страна.
Проектот има цел да ѝ помогне на ЕУ да ги постигне своите цели за климатска неутралност, со фокусирање на мобилност без јаглерод, како придонес за поквалитетна и позелена територија.
На студиското патување од 8 до 11 јули 2024 година, реализирано во рамките на проектот со претставници од Општина Кочани и од Центарот за развој на Источниот Плански Регион, беа претставени добри практики од искористувањето на Општината Резекне на ЕУ-фондовите за градење нови инфраструктурни објекти и за подобрување на енергетската ефикасност на старите објекти, како и за искористувањето на обновливите извори на енергија.
Пред другите партнери беше претставена Општина Кочани со потенцијалите со кои располага, коишто може да се искористат за остварување на целите на проектот.
Кочани е прва општина од Република Македонија која учествува во имплементирање на проект од програмата Interreg Europe.
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ