ОРИЗОПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ ПРАШУВААТ: „КОЈ ГО УКИНА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕТО НА СЕМЕНСКИОТ МАТЕРИЈАЛ?“

јуни 29, 2023
0 минути

Група оризопроизводители ни испратија допис во кој јавно ги прашуваат надлежните од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од која причина годинава се укинати субвенциите за семенски материјал на оризот. Писмото го објавуваме во целост:

„Ја известуваме јавноста дека при поднесувањето на документите за субвенции на оризот во подрачната единица Кочани ни се одбива можноста за добивање на субвенционирање на семенски материјал, ориз. Износот во претходните години беше 700 денари по декар површина засадена со ориз. Од оваа година оваа мерка е укината од страна на МЗШВ година во која оризовата арпа достигна цена од 40 ден/кгр, година кога сите услови беа исполнети да се сериозно инвестира во земјоделието. Некој, со некаков ситен интерес и крупна непрофесионалност одлучува за илјадници земјоделци дека семето треба да биде политичка мерка и дека треба да изрти сиромаштија. Професионален земјоделец се станува со сите мерки и нешта, меѓу кои и сертифициран семенски ориз. Ако некој го крати тоа право а парите за субвенционирање не ги вади од сопствен џеб, нека си ја првеземе одговорноста за овој непожелен подвиг и нека го врати она што припаѓа на тие што не знаат што е фотелја, функција, државна плата. Вратете ни ги мерките кои за успех во полето ни се од големо значење“.

Оризопроизводителите не се откажуваат од она што законски ги следува. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е на потег.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ