По сончево и пријатно време денес на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани пред повеќе од илјада гледачи се одигра хуманитарен фудбалски натпревар помеѓу домаќинот „Осогово“ и прволигашот „Вардар“ од Скопје.

Натпреварот преполн со емоции во знак на сеќавање на 63-те ангели кои го загубија животот во „Пулс“ започна со едно минутно молчење и интонирањето на државната химна.

Во знак на благодарниот кон екипите на „Осогово“ и „Вардар“ кои го организираа овој хуманитарен натпревар и благодарност до сите присутни на трибините натпреварот го отвори Горан Лазаров, татко на фудбалерот Андреј Лазаров кој беше еден од 63-цата ангели кои настрадаа во „Пулс“.

На полувремето беше организирана аукција за продажба на дресот на Стојанче Велинов кој го постигна победоносниот гол во финалето на Купот на Република Македонија со чиј гол екипата на „Академија Пандев“ стана победник. Најмногу понудија навивачката група „Комити“ кои дресот го купија за 23.000 денари и истиот го подарија на еден од верните навивачи на „Осогово“. Средствата од купениот дрес ќе биде наменет за хуманитарни цели поточно ќе бидат уплатени на сметката за изградба на Спомен обележјето „Патека на бесконечноста“.

Иако резултатот беше во втор план сепак треба да се каже дека „Вардар“ победи со 4:1 (2:1).

С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
