„ОСОГОВО“ ЈА НАДИГРА И ТОРПЕДИРА „ПОБЕДА“

Во Спорт
ноември 10, 2024
1 минути

Кога ќе се остави срцето на теренот, доаѓа и добрата игра а и поволниот резултат. Така денес изгледаше првенствениот натпревар од 12=тото коло во Втора Фудбалска Лига, „Осогово“-„Победа“.

Кочанчани денес ја посакуваа повеќе од се победата, го одиграа најдобриот и најефикасниот натпревар во ова првенство и носени на крилјата на навивачката група „Сејмени“ ја торпедираа екипата на „Победа“ совладувајќи ја со 4:1 (2:1).

А натпреварот започна лошо по кочанчани. По неколку јалови напади на домаќините гостите од Прилеп во 8’ направија убав напад по левата страна по што следуваше удар кон домашниот гол а голманот Ѓорѓи Јованоски со прекрасна интервенција го одбрани, но домашната одбрана лошо ја исфрли топката која дојде до осамениот Матеј Ѓурчиновски  кој со прекрасен удар од преку дваесет метри го погоди горниот десен агол и гостите поведоа. Но за прв  пат во ова првенство „жолто-сините“ не се предадоа по водството на гостите, ја заиграа својата игра, гинеа за секоја топка и веќе во 12’ можеа да го израмнат резултатот, но одличниот удар на Фикрет Љиварека од работ на шеснаесетникот гостинскиот голман го одбрани.

Се играше 17’ кога Љиварека одлично се проби по левата страна изби сам пред гостинскиот голман и тогаш несебично го проигра осамениот Марио Симоски кој со манир на искусен стрелец ја погоди мрежата на гостите. По израмнувањето продолжија нападите на „жетварите“, „Сејмените“ со своето громогласно навивање им беа ветар во грб па така во 31’ со нов погодок во мрежата на „Победа“ и поведоа. Искусниот Драган Паунов доби топка по десната страна, како виор се упати во гостинскиот шеснаесетник и кога гостинскиот голман му појде во пресрет со удар по земја го матираше и донесе ерупција од радост на стадионот „Никола Мантов“.

До крајот на полувремето гостите по еден корнер во 38’ можеа да ги израмнат резултатот но од самата гол линија топката ја исфрли капитенот Никола Стоиловски и со резултат 2:1 за домаќините се отиде на одмор.

Второто полувреме „Осогово“ го отвори со жестоки напади, ј„жетварите“ а имаа топката постојано во посед и веќе во 51’ Драган Паунов постигна вистински евро-гол упатувајќи ја топката од тринаесетина метри во горниот лев агол. Интервенцијата на гостинскиот голман беше залудна. Во 65’ нова радост и на трибините и на теренот, гостинскиот голман непотребно излезе далеку од шеснаесетникот, тоа го искористи брзиот Љиварека и ја упати топката во празната мрежа.

До крајот домаќините не искористија неколку шанси да го зголемат водство а гостите само еднаш се заканија но голманот Јованоски прекрасно интервенираше и ја одби топката во корнер.

Се на се заслужена победа на „Осогово“ а резултатот а посебно играта даваат голема надеж дека кочанчани полека но сигурно ќе ја напуштат опасната зона.

Резултати од 12-тото коло:

Осогово – Победа  4:1

Вардар (Н) – Каменица Саса  0:1

Вардарски – Новаци  0:2

Скопје – Башкими  2:1

Кожуф – Охрид  0:0

Детонит Плачковица – Беласица  2:1

Брегалница – Аресими  2:1

Борец – Македонија ГП  0;2

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ