РОТАРИ КЛУБ „КОЧАНИ-ВИНИЦА“ ГО ПУШТИ ВО УПОТРЕБА „РОТАРИ ФЕНИКС ЦЕНТАР“

јуни 28, 2025
1 минути

Во присуство на голем број гости, вечерва во Кочани Ротари клуб „Кочани-Виница“ под мотото „Силата е во новиот почеток“ го пуштија во употреба „Ротари Феникс Центар“ .

Отворањето на овој центар има за цел да во него се организираат креативни работилници, музички настани, обуки за средношколци и студенти, разговори со психолози, предавања за здрава храна и животен стил, давање поддршка на родители, дебатирање со инвеститори од различни области, како и организирање на летни и зимски кампови.

Најпрвин гостите ги поздрави Ангела Соколова – Претседател на Ротари Клуб „Кочани-Виница“ која во своето обраќање потенцираше дека по трагедијата што се случи во Кочани и во Македонија тие како клуб решиле да изнајдат начин за да се помогне на заедницата. Најпрвин изготвиле „Ротари Феникс Проект“ преку кој во првата фаза обезбедиле финансиска помош на околу триесет најзагрозени семејствата на кои таа им била најпотребна бидејќи нивните деца во тие моменти биле на лекување во други држави. Другата фаза како дел од проектот е рехабилитација на пожарникарите, на оние кои таа критична вечер биле вклучени во акцијата за спасување Стапиле во контакт и со  Центар за советување и психотерапија кои веднаш ја прифатиле соработката.

Клиничкиот психолог Проф. Д-р Дијана Белевска од Центар за советување и психотерапија изрази големо задоволство што ќе соработува со Ротари клуб „Кочани-Виница“ со кого се нашле во заедничката идеја да се помогне на луѓето. Според Белевска со отворањето на овој центар нема повеќе секој да тагува во своето ќоше, напротив ќе се работи заедннички. Децата нема да добијат само помош во моментот, напротив, децата и семејствата што ќе го посетат центарот според однапред подготвената програма ќе поминат низ животните циклуси кои ќе ги пратат цел живот.

„Ротари Феникс Центарот“ е сместен во Градскиот Трговски Центар во близина на „Детскиот парк“.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ