СЕДУМЧЛЕНИОТ ТИМ ОД ШВЕДСКА ГО ЗАВРШИ СВОЈОТ ТРИДНЕВЕН ПРЕСТОЈ ВО КОЧАНИ – ЗАМИНАА СО ПОРАКА ЗА ЧОВЕЧНОСТ И ЗАЕДНИШТВО НА ПАТОТ НА ЗАЗДРАВУВАЊЕТО

јуни 18, 2025
1 минути

Шведската делегација којашто престојуваше во Кочани со цел да придонесе за зајакнување на заедницата и градење модели на отпорност, солидарност и психосоцијално заздравување по трагичниот настан во Кочани, го заврши својот тридневен престој во Кочани.

Седумчлениот тим од Шведска, составен од преживеаните во пожарот во 1998 година во дискотека во Гетеборг – Нима Параш Лама и Розбех Асланијан, пожарникарите Пер-Андерс и Бенгт Холм, социјалните работнички Елеонор Артфорс и Хели Кунас и координаторот на Центарот за поддршка Ларс Лилед реализираа средби со родители на загинатите деца во „Пулс“, повредени младинци, професионалци и граѓани што се соочуваат со последиците од кочанската трагедија.

Во своето обраќање пред гостите од Шведска, в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски изрази огромна благодарност за поддршката.

„Драгоцено е да дојде некој од толку далеку за да помогне. Ова е најубавиот настан за мене во последниве три месеци во Кочани. Во вас видовме помош и надеж, бидејќи сѐ уште сме дезориентирани по трагедијата. Почувствував искрена енергија од вас, тоа ќе ме мотивира во наредниот период за да можеме работите да ги смениме коренито и да се справиме со аномалиите во системот“ рече Крстевски.

„Овие три дена од гостите од Гетеборг видовме отвореност, прецизност, топлина, разбирање, стабилност. Желба да се воспостави мир, безбедност, чувство на комфор во една заедница што е разнишана. Тие упатија на вредности што мора да ги почитуваме: поврзаност, интегритет на постапките, да настапуваме со респект кон другиот и со уважување на сите околности во кои тој мора да живее“ истакна на завршниот настан Лина Ќостарова-Унковска од Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“.

Програмата за поддршка на настраданите во пожарот во „Пулс“ беше иницирана и поддржана од Амбасадата на Кралството Шведска и „Europe House“, а ја спроведоа Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“ со поддршка од Општина Кочани и „Сапорт“ – Кочани.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ