СО СВЕЧЕНОСТ И НОВА ОПРЕМА ОДБЕЛЕЖАН 20. МАЈ – ДЕНИОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ

мај 20, 2026
1 минути

Со оддавање признание за хуманоста и пожртвуваноста на пожарникарите,  во кругот на ТППЕ – Кочани денеска беше одбележан 20 Мај – Денот на македонските пожарникари.

Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов изрази голема благодарност до сите пожарникари за нивната секојдневна подготвеност да ги заштитат животите и имотот на граѓаните.

„Овој ден е посветен на оние најхрабрите, на оние кои го жртвуваат својот живот за да спасат друг живот и на оние кои влегуваат во катастрофата кога другите излегуваат. Огромна благодарност до сите поддржувачи на нашата Територијална противпожарна единица и на Доброволното противпожарно друштво, посебно на ЕВН Македонија, од каде што денеска пристигна донацијата – четирицикл. Изразуваме голема благодарност и за поддршката на нашите пожарникари од Видеолотарија, МЕПСО и сите амбасади“ истакна Грозданов

 

 

Одбележувањето на празникот помина во знак на модернизација на Територијалната противпожарна единица – Кочани, која доби вредно засилување во својот возен парк – нов четирицикл (ATV) наменет за интервенции на тешко пристапни терени, обезбеден како донација од ЕВН Македонија.

Во знак на подобрување на меѓуопштинската соработка, на свеченоста присуствуваа и градоначалниците на Општина Чешиново-Облешево, Јорданчо Костадинов и на Општина Зрновци, Ванчо Митев.

Традиционално, градоначалникот им додели признанија на најдобрите пожарникари во изминатата година, како симбол на благодарност од заедницата за нивниот професионализам, храброст и деноноќна будност. За најуспешен пожарникар од ТППЕ – Кочани е прогласен Горан Стојанов, а од ДПД – Кочани – Гоце Василков.

Командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов  изрази огромна благодарност до своите колеги за нивната пожртвуваност и тимска работа. Соопштувајќи ја статистиката за пожарите во 2026 година, истакна дека досега ТППЕ – Кочани имала 116 интервенции, од кои 60 % се на отворен простор.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ