ВО НАТПРЕВАР ПОЛ СО ЕМОЦИИ МИРУВАА МРЕЖИТЕ ВО КОЧАНИ

Во Спорт
март 29, 2025
1 минути

Во рамките на 22-рото коло од Втора Фудбалска Лига „Осогово“ и лидерот на табелата „Македонија ГП“ одиграа натпревар без голови.

Во досега најемотивниот натпревар во историјата на кочанскиот фудбал по мокар терен на места и со мали езерца кочанчани со една мошне пожртвувана игра останаа непоразени пред својата многубројна публика. Самиот  натпревар започна со минута молчење во чест на загинатите 59 млади луѓе ви „дискотеката на смртта“ „Пулс“ пред две седмици.

Натпреварот го одбележаа четири моменти додека се останатото беше игра на средината на теренот со многу голема борбеност особено од страна на „жолто-сините“.

Во 15’ лидерот на табелата ја имаше единствената шанса на натпреварот . Офанзивниот Ѓорѓи Дошев убаво се проби по десната страна во казнетиот простор на домаќините, следуваше удар, но одличниот Ѓорѓи Јованоски со прекрасна интервенција ја исфрли топката во корнер.

Во 40’ домаќините бараа пенал но судијата Кирил Смокоски од Прилеп стартот над Марко Ефтимов не го санкционираше и дозволи играта да продолжи. Гледачите со право се прашуваа дали ако ова се случеше на спротивната страна ќе беше досуден удар од белата точка.

Во 59’ сите на стадионот станаа и громогласен аплауз упатија на сите настрадани во трагедијата.

Сепак најголемите фудбалски возбудувања во вторите 45 минути се случија во финишот од натпреварот а ги креираше нововлезениот Филип Јованов. Тој најпрвин во 86’ со крајни напори ја упати топката кон голот на противникот, но гостинскиот голман Андреја Ефремов без поголеми напори ја скроти. Во 90’+3’ повторно истите актери на сцена. Јованов одлично се ослободи од својот чувар, од косо биеше мошне итро но гостинскиот голман со крајни напори овој пат одбрани.

По завршувањето на натпреварот домашните играчи за борбената игра без со аплауз од публиката испратени во соблекувалната.

Резултати од 22-рото коло:

Осогово – Македонија ГП  0:0

Вардар – Детонит Плачковица  0:0

Кожуф – Брегалница  0:2

Скопје – Борец  2:1

Вардарски – Аресими  (прекинат при 1:2 по првото полувреме)

Каменица Саса – Беласица  1:2

Новаци – Охрид  2:1

Победа – Башкими  0:0

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ