Втор ден трае расчистувањето на дивата депонија во месноста позната како Диви Градби, која се наоѓа меѓу населбите Трајановo Трло и Усова Чешма во Кочани. Акцијата ја спроведуваат екипи и механизација на КЈП „Водовод“, кои досега изнесоа повеќе од 500 кубни метри отпад.
На терен се и градоначалникот Владко Грозданов и директорот на КЈП „Водовод“ Дејан Анакиев, кои извршија увид во текот на работите.

Градоначалникот Грозданов информира дека оваа локација не била расчистувана со години, при што, како што рече, неоправдано се дозволувало натрупување на огромни количини отпад.
„Станува збор за простор што со години бил запоставен и претворен во дивa депонија. Со вакво неодговорно однесување се создал вистински ѕид од отпад, кој претставува сериозна закана за животната средина и за безбедноста на граѓаните. Ова мора да престане и затоа ќе продолжиме со вакви акции, но и со засилен надзор и санкции“ изјави градоначалникот Грозданов.

Комуналните служби апелираат до граѓаните да покажат поголема одговорност и да не создаваат диви депонии, со цел да се зачуваат чисти јавниот простор и животната средина. Акцијата за целосно расчистување на локацијата ќе продолжи и наредните денови.

Општина Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
