Пред повеќе од два месеци објавивме сторија за Хотел „Центар“ некогаш „Турист“ кој во втората половина на 20-тиот век е изграден во самиот центар на Кочани. Денес објектот во кој беше салата и хотелските соби изгледа бедно, и замислете тоа никому не му пречи освен на старите жители на Кочани. Две седмици по нашата објава реагираа институциите и испратија луѓе да го исчистат западниот дел на дворот од зградата, и овде застанаа.
За потсетување само, Хотел „Турист“, некогашниот култен објект и простор каде еснафот од Кочани секојдневно се собираше, објект и простор во кој се организираа свадби како и културно забавни манифестации денес изгледа бедно, како бомба да паднала до него.

Денес тој култен објект е под името Хотел „Центар“ и е најголемото ругло сместено во строгиот центар на Кочани. Денес ваквата состојба на објектот им смета на кочанчани, посебно на жителите кои живеат околу него. Зградата одамна е место претворено во тоалет како и место на собирање на бездомници, наркомани и пијанци, едноставно како што велат жителите околу објектот тој е потенцијален центар на заразни болести.
Бидејќи објектот е оставен на забот на времето, од време на време паѓаат делови од фасадата и се потенцијална опасност за минувачите. Што ќе се случи доколку дел од фасадата падне врз некое лице што во тој момент овде минува?.

Информациите што дојдоа до нас е дека објектот е купен од приватно лице, но поради наводно нерешени имотно правни односи тој стои како груб споменик во денешно време. Токму поради имотно правните односи објектот ниту се руши, ниту истиот се реновира. Ако имало купопродажен договор тој договор сигурно е заведен од правни лица и сега малку е чудно да ова е единствената причина што објектот е ваков, каков што е.

Објектот има и други помали објекти во нискиот дел но тие се во одлична кондиција и никому не му пречат така да единствениот проблем е зградата која некогаш беше хотел.
Минатата година на Кочани му се случи трагедија од големи размери, со незаинтересираноста и не експедитивноста на институциите ќе се дозволи ли пак нешто слично да се случи.
Па токму институциите се тие што мора да го решат проблемот за да некој повторно не постави прашање „А што работевте Вие изминатите години“?

С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
