ЖИТЕЛИТЕ НА КОЧАНИ СЕ СОМНЕВААТ ДЕКА ПРЕКУ СМЕТКИ ЈА ПЛАЌААТ ЕЛЕКТРИЧНАТА ЕНЕРГИЈА И НА ЖИТЕЛИТЕ ОД СТАРАТА КАСАРНА

февруари 13, 2025
1 минути

Многу телефонски јавувања, многу писмени реакции на жителите на Кочани по добивањето на сметките за потрошена електрична енергија за месец Јануари оваа година. Во едно од писмата кое беше испратено до нашиот портал жителите јавно се сомневаат дека во нивните сметки е вклучена и потрошената електрична енергија на жителите од Старата касарна, која требаше да биде на месечно ниво до 100 kw по семејство или вкупно 1800 kw за сите 18 семејства.

Во писмото кое го споделуваме со напите читатели стои: „Сметките за струја не се реалност бидејќи ние дома не чуваме некои огромни машини па да потрошената струја толку изнесува. Се сомневаме дека во нашите сметки е и потрошената струја на жителите од Старата касарна која најпрвин требаше да се пресметува со читање на заеднички струјомер поставен на една од бандерите кај АСНОМ за да потоа од поставувањето на струјомер не испадна ништо. Апелираме до Градоначалникот и до членовите на Советот на Општина Кочани да почнат да се грижат за сите жители на општината а не само за бедните гласови на одредена група наши сограѓани. Апелираме и до градежните инспектори да се фатат за работа и да ја оправдаат платата која ја земат, да излезат на терен и сите дивоградби кои се во тек да ги стопираат па ако греба и да се срушат. Трпението ни е при крај, бидејќи со години трпиме ние за сметка на една помала група наши сограѓани. Ако целта е да се добијат нивните гласови на изборите што следат тогаш ние нема да излегуваме да гласаме. Чесно е да ни ја кажат вистината. Бараме од советниците да следната седница да го постават ова прашање на дневен ред“. Благодариме на отстапениот простор. Поздрав“.

За потсетување само, на 25.12.2024 година Градоначалникот на Општина  Кочани Љупчо Папазов одржа работен состанок со заменик-министерот за односи меѓу заедниците Неждет Мустафа и со директорот на ЕВН КЕЦ – Кочани Стојан Марков, на кој се разговараше за олеснителните можности за приклучок и исплата на електричната енергија на локации во Кочани каде што е констатирано неопходно подобрување на квалитетот на услугите за користење електрична енергија, особено во однос на стабилноста, квалитетот и сигурноста во дистрибуцијата.

Работниот состанок беше во рамките на постапувањето на Општина Кочани по донесена одлука од Советот за финансиска поддршка на семејствата во социјален ризик во Старата касарана.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ