Изминатиот Петок (27.09.2024 година) Ротари Клуб Кочани-Виница ја одбележа својата 10-та по ред „Оризова Гала Вечер“. Настанот се одржа во време на одржувањето на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, чиј организатор беше Општина Кочани.
Поводот за одржување на „Оризовата гала вечер“ беше еден вид зачувување и негување на традицијата во производството на ориз во нашиот регион, а чиј што квалитет е препознатлив во светски рамки.
Токму овие значајни денови во кои се слави традицијата, Ротари Клуб Кочани-Виница ги посвети за луѓето кои беа на браникот на одбраната на нашата држава зафатена од големата елементарна непогода, големите шумски пожари кои најмногу беа активни во источниот дел на државата.
Собраните средства од хуманитарната вечер ќе бидат наменети во учество за купување на возило за противпожарна заштита за потребите на Доброволното противпожарно друштво ДПД Виница.
Настанот беше поддржан со присуство на членови од 14 Ротари Клубови од Македонија: Ротари Клуб Кавадарци, Ротари Клуб Прилеп, Ротари Клуб Скопје, Ротари Клуб Скопје Исток, Ротари Клуб Скопје Камен Мост, Ротари Клуб Скопје Кирил и Методиј, Ротари Клуб Скопје Парк, Ротари Клуб Штип, Ротари Клуб Велес, Ротари Клуб Водно, Ротари Клуб Свети Николе, Ротари Клуб Скопје Север, Ротари Клуб Скопје Вардар 245 и Ротаракт Скопје, како и со присуство на членови од 7 странски Ротари Клубови и тоа: Ротари Клуб Благоевград (Бугарија), Ротари Клуб Банско-Разлог (Бугарија), Ротари Клуб Враца (Бугарија), Ротари Клуб Котор (Црна Гора), Ротари Клуб Анкара Кизилај (Турција), Ротари Клуб Врање (Србија) и Ротари Клуб Белград Сава (Србија).
Настанот беше поддржан и од високи претставници на општествено политичкиот живот во источниот регион, како и претставници на бизнис заедницата од Кочани и Виница.
Со спроведување на овој настан Ротари Клуб Кочани-Виница ја остварува својата цел да биде во служба на заедницата, раководејќи се под мототo на Ротари ,,Service above self’’.
Ротари Клуб Кочани-Виница изразува огромна благодарност кон сите што со свое присуство и донации дадоа поддршка за настанот и кои се дел од остварување на една општествено корисна цел.
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ