„АРЕСИМИ“ СО ТРИ БОДА СИ ЗАМИНА ОД КОЧАНИ

Во Спорт
октомври 19, 2024
1 минути

Натпреварот од 8-то коло помеѓу „Осогово“ и „Аресими“ одигран денес во Кочани им припадна на гостите, но ако не беше грешката на судиите во 66’ дали ќе беше така, останува голема непознаница.

Инаку самиот натпревар беше доста борбен, но не и квалитетен. Домаќините со желба за нова победа влегоа во истиот, играа борбено но не создадоа некоја посериозна прилика за гол  освен во  7’ и 60’. Наспроти домаќините гостите се покажаа како поискусна екипа но и тие играа добро во поле а пред голот на домаќините создадоа четири прилики за гол од кои искористија две.

Првото возбудување се случи  пред голот на гостите. Се играше  7’ кога Фикрет Љиварека по одличниот пробив на Марио Симоски биеше но топката заврши на местото каде што се спојуваат десниот дирек и пречката. Неколку минути подоцна домаќините имаа удар со глава но топката заврши во рацете на гостинскиот голман.

Играчите на „Аресими“ во овој дел од играта играа претпазливо, не се залетуваа кон голот на домаќините туку чекаа поволна прилика за откривање на резултатот. Се играше 40’ кога домашната одбрана не ја исфрли топката далеку од голот туку таа дојде до осамениот Рихан Зеќири кој од косо биеше во спротивниот агол од голот на немоќниот Ѓорѓи Јованоски.

Само што започна второто полувреме гостите можеа да го зголемат водството но на нивна жал топката заврши во десниот дирек. Евидентно беше дека домаќините вториот дел го започнаа поагресивно, се со цел да дојдат до израмнување. Во 60’ на една вратена топка натрча Фикрет Љиварека и со удар од 14 метри биеше во долниот десен агол на немоќниот Вулнет Ислами.

Израмнувачкиот гол како да им даде крилја на „жетварите“ но нападите во главно завршуваа пред гостинскиот шеснаесетник. Во 66’ „Осогово“ остана со играч помалку. Михаил Николов стартуваше на топката, ја исфрли во аут но по една секунда ја закачи и ногата на противникот, судијата досуди фаул за гостите но на интервенција на четвртиот судија на Николов му беше покажан втор жолт картон што беше знак дека мора да ја напушти играта. Се создадоа мачни сцени, домашниот стручен штаб реагираше кај четвртиот судија Ангел Гепов од Кавадарци кој пак онака иронично го извести главниот судија по што следуваше  уште еден црвен картон, овој пат за клупата на домаќините.

Предноста од играч повеќе гостите ја валоризираа три минути подоцна. На едно проигрување во празно домашниот голман Јованоски лошо ја процени ситуацијата, излезе на дваесетина метри од голот но гостинскиот играч Аљбин Рамадани беше побрз и повешт, го помина и рутинирано биеше во празната мрежа. По водството гостите имаа уште една шанса за гол но не ја искористија.

Крајот на натпреварот донесе концерт од свирежи упатени кон арбитрите на кои помошта на искусната екипа на „Аресими“ не и беше потребна.

Со вој пораз „Осогово“ остана на дното на табелата каде заедно со уште неколку екипи ќе води „мртва трка“ за зачувување на второлигашкиот статус.

Резултати од 8-то коло:

Осогово – Аресими  1:2

Вардар – Победа  1;2

Новаци – Башкими  0:0

Каменица Саса – Охрид  1:2

Вардарски – Беласица  0:1

Скопје – Македонија ГП  0:1

Кожуф – Борец  2:0

Детонит Плачковица – Брегалница  1:1

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ