Денес Општина Кочани упати апел до граѓаните и здруженијата кои еве веќе четврти ден и дење и ноќе го блокираат патот кон Градската депонија во Кочани да ги отстранат блокадите за да може КЈП „Водовод“ непречено да врши транспорт и депонирање на комунален отпад.
Освен објавениот апел никакви други гаранции не се споменуваат. Не се знае и понатака дали општините кои си имаа до неодамна свои депонии истите ќе ги активираат или пак и понатака онака кришум ќе си го истовараат отпадот од нивните општина на депонијата во Кочани.
Бидејќи никаде во апелот не се спомнуваат некакви гаранции луѓето што протестираат истиот го сметаат за ништовен, односно тој за нив во моментот нема никаква тежина.
Од Општина Кочани бараат писмени гаранции потпишани од Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов дека општините Виница и Зрновци нема повеќе да истовараат нивни смет на Градската депонија во Кочани и дека освен сметот од Општина Кочани кој исто така ќе биде строго контролиран друг истовар ќе нема.
Граѓаните што протестираат доколку ги добијат тие цврсти писмени гаранции будно ќе ја следат состојбата и доколку се прекршат тие гаранции тие повторно ќе го блокираат истиот патен правец а сметот наместо во контејнерите и на тротоарите ќе го носат во дворот пред зградата на Локалната самоуправа за да и таму вработените конечно почувствуваат со што се се судруваат жителите на Кочани.
Се додека не добијат писмени цврсти гаранции блокадите ќе продолжат а сметот тие и понатака ќе го оставаат на улиците и до контејнерите бидејќи за собирање смет тие уредно секој месец си плаќаат.
Локалната самоуправа и Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов се на потег.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ