Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов денеска го посети првото новороденче на Акушерското одделение во Кочани, коешто се роди на 1 јануари 2025 година во 10:45 ч.
Врачувајќи ги традиционалните подароци на бебето Семин и на неговата мајка Есенѓул им посака добро здравје и многу среќа, а упати благодарност и до персоналот што го изврши породувањето. Подароци доби и мајката што го донесе на свет новороденчето на 31 декември.
„Општа болница – Кочани ја испрати 2024 година со рожба женско дете, а Новата ја дочека со првороденото машко дете. На двете новороденчиња им посакувам добро здравје, мирно детство, да растат во благосостојба и радост. На граѓаните на општина Кочани им посакувам бројката на новородени деца да расте во 2025 година и да имаме пораст на наталитетот. На вработените во Општа болница им посакувам да имаат успешна работа, да се екипираат со потребниот персонал и да се грижат за здравјето на граѓаните на Општина Кочани и на соседните општини коишто гравитираат кон неа“ изјави градоначалникот Папазов.
Центарот за култура „Бели мугри“ на првото бебе му подари дело од ликовниот уметник Танас Дедов, а производи доби и од Општа болница со проширена дејност – Кочани, како и од компанијата Зегин.
Доктор Илчо Атанасовски, специјалист по гинекологија и акушерство во кочанската Општа болница соопшти дека во 2024 година на Гинеколошко-акушерско одделение се родени 22 бебиња, извршени се 1 500 прегледи и 225 хоспитализации.
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ