КРСТЕВСКИ – КОСТАДИНОВ НА СРЕДБА ЗА СОЛИДАРНОСТ, ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА

април 23, 2025
1 минути

Струмица е првата општина која ѝ подаде рака на Општина Кочани.

В. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски и градоначалникот на  Општина Струмица Костадин Костадинов денеска потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете општини, кој се очекува да прерасне во Договор за меѓуопштинска соработка.

Костадинов заедно со Секторот за инспекциски служби во Општина Струмица ги претстави плановите и динамиката за асистенција и споделување искуства и знаење со инспекциските служби во Кочани. На средбата со Крстевски посебно беше потенциран проблемот со уличните кучиња којшто Струмица го реши благодарение на Стационарот „Лана“.

Крстевски му се заблагодари на градоначалникот на Струмица за поддршката и покажаната солидарност кон Кочани.

„Помош од граѓаните добиваме секојдневно, нам ни недостасува институционална помош. Нашата општина е сардисана во делот на инспекциските служби и подадената рака во делот на градежните инспектори ја прифаќаме и ќе потпишеме договор за соработка и сакаме позитивните практики од Општина Струмица да ги примениме. Од оваа несреќа треба да извлечеме поука, а таа е дека јавната површина е јавен интерес. Нема да има никаква толеранција кон угостителските објекти коишто го узурпираат јавниот простор и создаваат безбедносен проблем. Со потпишувањето на Меморандумот ќе имаме логистичка помош, ќе имаме насоки од страна на Општина Струмица. Се надевам дека ќе успееме да постигнеме резултати коишто ќе бидат во интерес на граѓаните“ изјави Крстевски.

Тој упати повик за помош од Владата и од сите државни институции и општини бидејќи трагедијата во Кочани е трагедија за целата држава.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ