Инцидентот што се случи за време на 65-тата седница на Советот на Општина Кочани отвори неколку прашања, но според реакциите на граѓаните се поставува главното прашање „Која е иднината на Советот на Општина Кочани“.
По вербалниот дуел меѓу двајца советници советникот Аки Акиов реагираше онака како што не доликува на претставник на народот во Советот, но уште потешка е неговата реакција кога со пластично шише полно со вода ја повреди присутната Ана Кралева, која инаку е вработена во Локалната самоуправа во Кочани и која на седницата присуствувала за да ако е потребно појасни некои од точките на дневниот ред што се во доменот на нејзиниот ресор.
Потоа седницата беше прекината без назнаки истата да продолжи.
Истиот ден со реакции за инцидентот се јавија ОО на СДСМ – Кочани, в.д. Градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски и Советничката група на ВМРО ДПМНЕ – Кочани.
Сите во своите соопштенија до јавноста го осудија немилиот настан а Советничката група на ВМРО ДПМНЕ – Кочани во своето обраќање ја известуваат јавноста дека во иднина нема да присуствуваат на седниците на Советот се додека Аки Акиов присуствува на истите.
Одговор за сето ова побаравме од Претседавачот на Советот на Општина Кочани д-р Лазо Митев.
Митев ни го потврди она што е напишано во Соопштението до јавноста од Советничката група на ВМРО ДПМНЕ. Тој е на ставот да се додека советникот Аки Акиов не си даде неотповиклива оставка на местото советник, тој нема да ги закажува седниците, така да лесно може да се случи да до Локалните избори не се одржи ниту една седница на Советот на Општина Кочани.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ