Главниот судија на натпреварот од 4-тото коло во Втора Фудбалска Лига „Осогово“ – „Скопје“ Пларент Салихи кој со своето тенденциозното судење го упропасти домаќинот, наместо казна веднаш доби награда од надлежните во ФФМ. Комесарот за делегирање на судии Јосип Бартон како награда го делегираше за натпреварот од 6-тото коло во Прва Фудбалска Лига „Аресими“ – „Вардар“ кој е на програмата во четврток.
За само шест месеци од како успеаја да се устоличат во удобните фотелји на ФФМ оваа постава покажа дека е полоша и од претходната лоша постава. Сомнителни натпревари, катастрофално судење, напуштање на екипи од лигите, се само показатели што се случи под нивно водство во пролетната сезона 2024/2025 и до сега во есенската сезона 2025/2026.
Публиката во Кочани не е во ист кош со публиките на другите стадиони. Најдобар показател за тоа е обезбедувањето на натпреварите. Во Кочани нема натпревар а да нема повеќе од 20 униформирани лица од ПС Кочани, додека кога Осогово гостува ги има во „голем“ број 2-3. Од што се плаши ФФМ кога се играат натпреварите во Кочани. Од тоа ли што се делегираат судии кои со тенденциозно судење го оштетуваат домаќинот па доколку нешто се случи да има кој да ги заштити мешетарите.
Господа од ФФМ, верувајте дека вака нема да го унапредите Македонскиот фудбал ниту ќе имаме регуларни натпревари, така ќе го упропастите што долго време ќе му треба потоа за да се опорави.
Откако Комесарот за делегирање на судии Јосип Бартон го делегира Пларент Салихи во четврток да суди натпревар од Првата Фудбалска Лига повеќе од јасно е дека нешто е труло. Каква оцена Салихи добил од Контролорот на натпреварот Осогово-Скопје, Сашо Иванов од Штип е мистерија, но факт е дека оценката не слаба па сега ќе мора да му пресудува на Аресими или на Вардар.
Фудбалската јавност во Кочани не е наивна, таа го разбира и те како фудбалот, но истата е згрозена по кој знае кој пат во изминатите шест месеци. Фудбалската јавност а посебно присутната публика на трибините по она што го виде во саботата се надеваше дека Салихи ќе си ја добие заслужената казна, но што се случи со Контролорот Сашо Иванов да не му даде слаба оцена само тој знае.
За крај, Господа, кои ја водите ФФМ, вам по се изгледа ви е поважно да ве фотографираат со дигнати глави, да патувате, да се забавувате, да раскажувате позитивни приказни за Македонскиот фудбал а од друга страна тој да тоне.
Бидете храбри и одважни, кажете отворено зошто ви пречат екипите од Источниот дел на земјата. Доколку сакате да ви служат како кворум за забава во вашите лиги бидете храбри и чесни и кажете дали веќе знаете кои екипи се одбележени за да испаднат, кои треба по баражот да испаднат, а кои екипи треба да бидат новите Прволигаши.
Со таква чесна изјава верувајте дека многу ќе помогнете бидејќи екипите нема залудно да трошат финансиски средства до кои само тие знаат како доаѓаат.
Бидете чесни и храбри и јавно кажете ја вистината.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ